Претседателот на Република Српска го коментираше новиот план за Косово
Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, тврди дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, успеал да го врати прашањето за Косово од губитничка позиција на агендата и во фокусот на интересите и истакна дека Србите мора да бидат обединети и да се обединат околу преговори, пренесува Klix.ba.
„Она што мора да се има на ум е дека треба да се разгледаат последиците што можевме да ги слушнеме за Косово, а тоа е дека ќе се прекине европскиот пат, ќе се запрат инвестициите, повторно ќе се воведат визи. Тоа се сериозни последици“, истакна Додик.
Според него, последиците би можеле да ја променат економската, социјалната и геополитичката положба на Србите. Тој посочи дека заканите од Запад се зголемени и дека позицијата на Германија е зајакната.
„Германија, која е антисрпска на тој простор на Балканот. Секогаш беше антисрпска, не беше рационална, реална и секогаш беше против Србите. Така е и во овој случај за Косово“, нагласи Додик.
Кога станува збор за „Заедницата на српските општини“, Додик забележува дека „добро е што зборуваат за Република Српска“, но, наведува тој, Албанците честопати велат дека не ја сакаат Република Српска на територијата на Косово.
„Многу е добро што го велат тоа, еден ден ќе биде Република Српска. Мислам во суштинско значење. Па, ќе се вика Заедница на српски општини, ќе има извршни функции на власта како што има РС. посебни односи со Србија како што има РС. Тоа им е проблем и тоа е целата приказна“, заклучува Додик.
Планот за Косово што Вашингтон и Брисел го поставија пред Белград стана де факто преговарачка рамка за влез на Србија во Европската унија, изјави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ и предупреди на низа политички и економски последици доколку планот не биде прифатен.
Вучиќ во своето обраќање до јавноста по средбата во петокот со американско-европската петорка,а потоа и со министрите во владата на Србија, посочи дека на маса му е ставен план кој бил прифатен и од пет членки на ЕУ кои не го признаа Косово. Така тој план де факто стана преговарачка рамка за влез на Србија во ЕУ, рече Вучиќ.