Додик: ЗСО во Косово треба на одреден начин да наликува на Република Српска

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово треба да има извршни овластувања и дека во некои аспекти ќе наликува на Република Српска.

-Без извршни функции, нема смисла да се создаде празна школка која нема никаква цел, рече Додик во интервју за Косово онлајн, пренесе Радио-телевизија РС (РТРС).

Според неговото мислење, разговорите не треба да продолжат „додека не се формира ЗСО во договорениот капацитет, а не како што сега мешетарат Албанците“.

Претседателот на РС оцени дека француско-германскиот предлог за Косово не се разликува многу од некои во минатото, со оглед на тоа дека се заснова на барањето Србија, макар и премолчено, да го признае Косово.

Тој предлог не се разликува многу од она што го видовме во минатото, се заснова на фактот дека Србија треба на некој начин, премолчено, да го признае Косово. Што е сериозна неможност за самата Србија, вели Додик.

Според него, српскиот претседател Александар Вучиќ не можел да го одбие документот кога го добил, но, како што оцени, како и секој одговорен државник морал да одржи јавна расправа.

Додик смета дека Србија ја отфрла можноста на кој било начин да го признае Косово и да даде согласност Косово да влезе во Обединетите нации, така што тоа била премолчена согласност.

Тој понатаму изјави дека РС не поддржува Србија да ја признае независноста на Косово, додавајќи дека БиХ не ја признала независноста на Косово поради тоа.

Зборувајќи за санкциите против Русија, Додик рече дека невоведувањето санкции против таа земја е „одговор на РС кон нејзините пријатели и инвестирање во иднината“, додавајќи дека „не може да се очекува ништо од Западот, без оглед што нудат демократски живот и економски просперитет“.

-Не ја пропуштаат можноста да побараат воведување санкции, како и да нè привлечат кон себе, да направиме лош чекор кон Русија или кон рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи мислат дека е лош, нагласи тој.

Додик негираше дека Русија има влијание врз неговата политика, наведувајќи дека „никој нема влијание врз него, освен српскиот народ“.

– Јас сум човек на српскиот народ и на Република Српска и одговарам само пред оние кои гласаа за мене. Ако Путин побара од мене да направам нешто што не е во наш интерес, тоа нема да се оствари, посочи тој.

Додик, исто така, рече дека Путин „никогаш не барал од него такво нешто, но Западот секогаш го бара тоа“.

-Каде и да се сретнеме тие секогаш бараат. Затоа нашиот став е јасен, заклучи Додик.