Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека денешната наредба за негово апсење, издадена од Обвинителството на Босна и Херцеговина, е политички мотивирана, пренесе РТРС.
Обвинителството издаде налог за апсење на Додик, премиерот Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот Ненад Стевандиќ, откако тие не се одзвале на две покани за сослушување. Тие се осомничени за поткопување на уставниот поредок на БиХ со нивната политичка агенда.
Минатиот месец парламентот на Република Српска усвои контроверзни закони кои ѝ забрануваат на босанската судска и полициска власт да делува во српскиот ентитет.
Додик претходно беше осуден на една година затвор поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ и доби забрана за вршење јавни функции во наредните шест години.
– Ова денеска е чисто политичко. Во законите на БиХ нема ништо што би можело да нè обвини. Не сум загрижен и никогаш нема да ја напуштам Република Српска, изјави Додик на прес-конференција.
Тој најави дека во наредните денови ќе се сретне со руски претставници и ќе побара од Москва да стави вето во Советот за безбедност на ОН на мисијата ЕУФОР Алтеа во БиХ.
– Досега ја поддржував Алтеа, но сега ќе побарам од Русија да го блокира нејзиното продолжување. Ова веќе не е мировна мисија, туку структура која ја злоупотребува задачата на ООН, изјави Додик.