Милорад Додик, за време на одбележувањето на 81-годишнината од операцијата „Халјард“ во Бољаниќ, кај Добој, изјави дека српскиот народ отсекогаш бил народ на слободата. Тој најави дека Република Српска наскоро ќе започне со изградба на меморијален центар во Бољаниќ.
„Ова е важен ден, не е ден на кој треба да импресионираме некого, но сакаме да му оддадеме почит на четничкото антифашистичко движење. Не научивме да бидеме благородни, но сметаме дека е време неправдите што се случија во 1990-тите да се исправат“, рече Додик.
„Го гледаме американскиот претседател Доналд Трамп како ја враќа Америка на патот на цивилизацијата и мирот. Ослободете нè од оваа лудачка кошула наречена Босна и Херцеговина. Сакаме да живееме и да имаме држава како секоја друга во Европа“, додаде тој.
„Американската политика треба да ги земе предвид фактите“
Тој нагласи дека Србите имале две антифашистички движења, четниците и партизаните, и дека усташите биле фашистички и нацистички, како и Ханџарската дивизија.
„Никој од нив не е тука денес. Оние кои биле на страната на фашизмот добиле поддршка од Западот во 1990-тите и затоа денес постои ова недоразбирање“, тврди Додик.
Тој истакна дека Србите во Република Српска не сакаат да живеат со муслимани.
„Никогаш не сакавме. Ослободете нè од Кристијан Шмит. Овој народ сака да живее слободно и да ги избира своите претседатели. Српскиот народ е народ на слободата“, верува Додик.
„Американската политика треба да ги почитува фактите. Затоа очекувам дека сè ќе постигнеме преку дијалог“, заклучи Додик, кој на почетокот повика на минута молчење за убиениот конзервативен активист Чарли Кирк.