Додик од Скопје: Србите денес на Балканот имаат две држави – Србија и Република Српска

Претседателот на Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, вечерва учествуваше на Светосавската академија во Скопје, а во обраќањето рече дека „Србите денес имаат две држави на Балканот – Република Српска и Србија“ и дека „српскиот народ не ги извалкал рацете во граѓанската војна во Босна и Херцеговина“.

„Но, во секој случај, сакам да кажам дека РС е она во кое живееме. И ние ја живееме како држава. Ние сме убедени дека Србите денес на Балканот имаат две држави – РС и Србија“, рече Додик на свечената академија по повод празникот Свети Сава, одржана во Македонскиот народен театар.

Тој рече дека некои луѓе не се согласуваат со ова, но тоа нема да им помогне бидејќи тој самиот се согласува со себе дека РС е држава.

„Сакаме да живееме во државата онака како што им е дадена на другите народи. Не сакаме никому да наметнуваме никакво зло. Србите тоа го покажаа низ историјата“, рече Додик.

Тој додаде дека Србите „отсекогаш биле подготвени да страдаат без да го изгубат лицето“ и дека нивната историја „отсекогаш била на страната на победниците“.

„Српскиот народ, колку и да се обидува да му наметне етикета од последната граѓанска војна во Босна, не си ги извалка рацете. Лажеа кога зборуваа за геноцид, лажеа кога зборуваа за многу работи … Лажеа кога рекоа дека убивме 300.000 членови на одреден „туѓ народ. Тоа не е вистина. Сега, од дистанца, гледате дека тоа не е вистина“, рече Додик.

Босанскиот политичар ја искористи Македонија како пример за непринципиелноста на Европската унија.

– Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека токму таа Европа е таа што најмногу се посрамоти во Северна Македонија, која направи многу отстапки и малку доби од таа Европа. И еден ден ќе треба да застанеме и добро да размислиме дали да продолжиме по овој пат“, рече Додик.