Додик се заканува дека ќе го уапси високиот претставник Шмит

Претседателот на Република Српска, првостепено осудениот Милорад Додик, и се обрати на јавноста по одлуката на високиот претставник да ги прекине буџетските средства за СНСД и „Обединета Српска“. Тој го коментираше и обидот за негово апсење.

Додик повторно остро го критикуваше високиот претставник, Кристијан Шмит, доведувајќи го во прашање неговиот легитимитет и надлежности и изјави дека РС нема да почитува ниту една негова одлука.

Тој го нарече Шмит „лажен гувернер“ и „фашист“, нагласувајќи дека законите и одлуките што ги наметнува се во спротивност со Уставот на Босна и Херцеговина и немаат правна основа, пишува klix.ba.

„Кристијан Шмит нема легитимитет, нема право и нема надлежност. Нашите босански партнери ја прифатија неговата надлежност бидејќи тој е против нас во РС, но тоа најмногу му штети на самото постоење на Босна и Херцеговина. Ниту една држава не преживува ваква интервенција“, рече Додик.

Според него, Република Српска, која сочинува 49 отсто од територијата на БиХ, нема да прифати „наметнувања и лажни наративи“ кои доаѓаат од меѓународната заедница и предупреди дека институциите на РС ќе реагираат со суспендирање на спроведувањето на спорните акти и барање нов договор за иднината на БиХ.

Тој ја коментираше и актуелната политичка криза и предупреди на отпор преку институциите, испраќајќи остра порака дека гонењето на политичкото раководство на РС нема да помине без последици.

„Каков начин е ова, одеднаш да се гонат претседателот, претседателот на Народното собрание, премиерот, министрите? Кој мисли дека нема да се браниме, греши“, изјави српскиот сепаратист.

На крајот, Додик не скрши зборови кога ја коментираше меѓународната заедница и одлуката на Шмит да ги прекине буџетските средства за СНСД и „Обединета Српска“ поради антидејтонската политика.

„Какви арогантни будали. Како е можно некои политички партии да добиваат финансирање, а други не? Ова е нивната демократија. Не ми е гајле за него или неговите одлуки“, рече тој.