Една друга студија ги поврза високо преработената храна, како што се пакуваните грицки, зашеќерените пијалоци, индустрискиот леб, овошниот јогурт, житариците за појадок и алтернативите на месото, со забрзаното биолошко стареење. Биолошката возраст – староста на нашите клетки и ткива – е под влијание на генетиката и навиките за животниот стил, како што се исхраната и физичката активност.
Средновечните и постарите италијански учесници во студијата, кои добивале повеќе од 14 отсто од дневните калории од високо обработена храна, изгледале биолошки постари отколку што всушност биле. Преработената храна долго време има лоша репутација дека е богата со калории, шеќер, масти и сол.
„Покрај тоа што е нутритивно несоодветна, таа е богата со шеќер, сол и заситени или транс масти и се подложува на интензивна индустриска обработка што всушност ја менува структурата на храната, што доведува до губење на хранливи материи и влакна. Ова може да има сериозни последици врз број на физиолошки функции, вклучително и метаболизмот на шеќерот и составот и функционалноста на цревната микробиота“, објаснува нутриционистичкиот епидемиолог и коавтор на студијата, д-р Маријалаура Боначио, за New York Post.
Исто така, една неодамнешна студија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско покажа дека додадениот шеќер го забрзува биолошкото стареење, дури и ако е дел од инаку здрава исхрана. Високото ниво на шеќер во крвта може да ги оштети клетките и да предизвика хронично воспаление, кое е поврзано со дебелина, срцеви заболувања, дијабетес, заболувања на црниот дроб и разни видови на рак.
Така, истражувањата сè повеќе сугерираат дека избегнувањето на високо преработена храна и додадениот шеќер може да биде клучно за забавување на биолошкото стареење и одржување на целокупното здравје.