Доктор предупредува за вообичаени симптоми на рак кои не треба да ги игнорираме

Меланомот, еден од најчестите облици на рак на кожата, може да се појави на делови од телото каде што многумина не би го очекувале. Во видео објавено на TikTok, д-р Сурај Кукадија рече дека „меланомите можат да се појават насекаде на телото“. Иако најчесто се јавуваат на грбот и нозете, овој вид рак може да влијае и на делови како што се окото, табаните, дланките, па дури и интимната област.

„Најчестите места каде што се појавуваат меланоми се грбот и нозете, но поретки форми можат да се развијат во внатрешноста на окото, на стапалата, дланките или гениталиите. Испитајте ја вашата кожа и обрнете внимание на какви било необични промени или нови израстоци“, рече д-р Кукадија.

Според „Cancer Research UK“, меланомот е петтиот најчест облик на рак во Обединетото Кралство, со околу 17.600 нови случаи годишно, објавува „Дејли експрес“ .

Симптоми на меланом на окото (според клиниката Мајо) се:

  • трепкања на светлина или точки во видното поле („лебдечки точки“)
  • темна дамка што расте во ирисот
  • промена во обликот на зеницата
  • заматен или намален вид на едното око
  • губење на периферниот вид.

Експертите предупредуваат дека меланомот на окото често е тешко да се препознае, а секоја ненадејна промена во видот бара итна медицинска помош. „Закажете преглед ако забележите некој од овие симптоми“, велат од клиниката Мајо.

Доколку меланомот се појави на стапалата или дланките, може да станува збор за акрален лентигинозен меланом – ретка форма на болеста која сочинува само еден до три проценти од сите случаи на меланом. „Најчесто се јавува на стапалата и дланките, но може да расте и под ноктите“, истакнуваат експертите од Cancer Research UK, додавајќи дека е многу почест на стапалата отколку на рацете.

Други знаци на меланом на кои треба да се внимава се: бенка што ја менува формата, големината или бојата, бенка што има неправилен раб или повеќе нијанси на боја, бенка поголема од 6 мм, бенка што крвари или чеша.

Доколку забележите некој од овие знаци, експертите советуваат веднаш да се консултирате со матичен лекар.