Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави во вторникот дека Украина најверојатно ќе започне мировни преговори само кога ќе и снема ресурси и дека ќе го искористи секој потенцијален прекин на непријателствата за повторно да се вооружи со помош на Запад.
Војната предизвика хаос во делови од источна и јужна Украина, убивајќи или ранувајќи стотици илјади луѓе и предизвикувајќи најголем прекин во односите на Русија со Запад од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Владимир Путин, говорејќи на економски форум во рускиот пристанишен град Владивосток, порача дека украинската контраофанзива против руските сили досега била неуспешна и дека украинската Армија претрпела големи загуби.
„Имам впечаток дека тие сакаат да гризат колку што можат, а потоа, кога нивните ресурси се блиску до нула, да постигнат прекин на непријателствата и да започнат преговори за да ги вратат своите ресурси и да ја вратат борбената способност“, рекол Владимир Путин.
Владимир Путин додал дека многу потенцијални посредници го прашале дали Русија е подготвена да престане да се бори, но тој вели дека Русија тешко може да престане да се бори кога ќе се соочи со украинска контраофанзива.
За да има какви било шанси за разговори, вели Владимир Путин, Украина прво ќе треба да ја укине својата самонаметната законска забрана за мировни преговори и да објасни што сака.
„Тогаш ќе видиме“, нагласил Владимир Путин.
Русија контролира околу 18 отсто од територијата на Украина, вклучително и Крим, кој го анектираше во 2014 година, и делови од источна и јужна Украина што ја презеде контролата во 2022 година.
Украина неколку месеци се обидува да врати дел од таа територија и повторно зазеде некои села, но сè уште не постигна значителен територијален пробив против силно утврдените руски линии, кои се засадени со илјадници мини.
Украина вели дека нема да запре додека последниот руски војник не биде исфрлен од нејзината земја. Запад вели дека сака да и помогне на Украина да ја победи Русија – цел што властите на Кремљ велат дека е нереален сон.
Владимир Путин вели дека одлуката на Запад да ја снабдува Украина со касетни бомби и муниција со осиромашен ураниум е злосторство, но иако таквите залихи може да ја продолжат војната, тие нема да го променат нејзиниот конечен исход.
Тој, исто така, ја критикуваше одлуката на Запад за снабдување на Украина со борбени авиони од типот F-16.
На прашањето дали Русија треба да воведе нова задолжителна мобилизација, Владимир Путин рекол дека секој ден од 1.000 до 1.500 Руси потпишуваат договори за доброволна воена служба.
Во текот на изминатите шест или седум месеци, 270.000 луѓе потпишале такви договори, потврдил Владимир Путин – нешто пониско од 280.000, што го кажа поранешниот претседател Дмитриј Медведев претходно овој месец.