Во некои европски земји, само најбогатите може да се дозволат да бидат сместени во дом за стари лица. Цените вртоглаво пораснаа во последната деценија, а некаде се поскапи и од хотели со 5 ѕвезди. Според француската групација за нега Орпеа, цените варираат од околу 50 евра на ден до над 300 евра за ден.
Најскапо е да се биде сместен во домовите за стари лица во Луксембург каде просечната дневна цена во 2020 година била 305 евра.
Нешто „поевтини“ се домовите за нега на стари лица во Швајцарија каде цената е 240 евра, а заедно со Холандија (200 евра) се трите држави каде е најскапо да се биде згрижен во ваков дом.
На листата следуваат Ирска со 135 евра на ден, Франција со 110 евра на ден, Германија со 100 евра на ден и Италија со 90 евра на ден. Најевтино е во Шпанија каде просечната цена, според Орпеа, се движи од 55 евра.
Огромни месечни суми
Само за споредба, ако сте пензионер во Луксембург за еден месец ќе ви требаат над 9.000 евра, во Германија 3.000 евра, а во Шпанија 1.650 евра. Во дел од земјите, пензијата што ја земаат лицата не им е доволна за да ги покријат овие трошоци.
Инаку според анализата на статистичката организација Статиста, поскапите цени на домовите за стари лица во некои од европските држави се должи на поголемиот процент на приватизација на некогаш државните домови.
Жените дискриминирани
Податоците покажуваат дека пристапот до домови е исто така под влијание на полот. Низ земјите од ЕУ, постои јаз во пензиите меѓу мажите и жените. Германија, Луксембург, Холандија, Австрија и Велика Британија имаат најголеми пензиски јазови меѓу мажите и жените во 2020 година, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Земјите со најмал родов јаз во пензиите во ЕУ се Естонија, Словачка, Данска и Чешка. Аналитичарите на ОЕЦД објаснуваат дека јазот не се должи само на тоа што жените често работеле на пониско платени работни места, туку и дека поголема е веројатност да работеле со скратено работно време и дека имале подолги паузи во кариерата, особено за да се грижат за децата и роднините. Тоа значи дека жените се обесправени на неколку фронтови кога станува збор за примањето пензија, но и можноста за сместување во ваков вид центри за грижа.