Доналд Трамп објави дека постхумно ќе му ја додели највисоката цивилна награда во Америка на убиениот Чарли Кирк

Доналд Трамп, претседателот на Соединетите Американски Држави, во говорот по повод годишнината од терористичкиот напад врз Њујорк објави дека ќе му го додели Претседателскиот медал за слобода на Чарли Кирк, десничарскиот коментатор кој беше убиен синоќа.

„Многу ни недостига. Сепак, не се сомневам дека гласот на Чарли и храброста што ја всади во срцата на безброј луѓе, особено млади луѓе, ќе продолжат да живеат“, рече Трамп.

Трамп потоа објави дека постхумно ќе му го додели на Кирк Претседателскиот медал за слобода, највисокото признание што може да му се додели на американски цивил.

„Можам да ви гарантирам само едно – дека ќе имаме многу голема толпа“, рече тој.

Значењето на смртта на Чарли го спомена и секретарот за војна Пит Хегсет, кој го спореди со оние што загинаа на 11 септември.

„Чарли, те сакаме. Браво, добар и верен слуго“, рече Хегсет.

Да ве потсетиме, убиецот на Кирк е сè уште во бегство. Најновите информации од ФБИ велат дека е пронајдено оружје, но и дека се бара атентатор.