Владата на новиот премиер на Полска, Доналд Туск, во средата положи заклетва, што е последен чекор во трансферот на власта во земјата во која веќе осум години владеат националисти, кои честопати беа во директен судир со Европската унија.
По долгогодишен конфликт меѓу Варшава и Брисел под раководство претходната полска Влада предводена од конзервативната партија Право и Правда (ПиС), назначувањето на поранешниот прв човек на Европскиот совет создава атмосфера за подобри односи меѓу Варшава и остатокот од Европа.
Во говорот пред парламентот во вторникот, Доналд Туск, кој беше и премиер од 2007 до 2014 година, вети дека ќе обезбеди милијарди евра од европскиот буџет, претходно замрзнат поради загриженоста на Брисел за владеењето на правото во земјата.
Таа задача би можела да биде отежната од судиите назначени од ПиС како дел од неговите контроверзни реформи, кои критичарите ги нарекоа поразителни за независноста на судството. Тука е и претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, кој има право на вето на законодавството.
„Мора да бидете оптимисти“, посочи Доналд Туск пред полагањето заклетва во претседателската палата.
„Се надевам дека имаме заеднички цели, дури и ако имаме различни патишта и искуства. Никој не се сомнева дека треба да и служиме на Полска“, вели Доналд Туск.
Уставниот суд на Полска во понеделникот пресуди дека изборната реформа што Полска мора да ја донесе за да дозволи пристап до европските фондови е неуставна. Истиот заклучок беше донесен од судот и за казните што ги изрече највисокиот суд на ЕУ пред конечната одлука, познати како привремени мерки.
Доналд Туск треба да учествува на самитот на ЕУ во четврток и петок. Покрај обидот да ги деблокира средствата за Полска, Доналд Туск ќе работи и на поддршка за членството на Украина во Европската унија.
Во време кога Киев е сè позагрижен за посветеноста на западните сојузници да ја финансираат неговата одбрана од руската инвазија, Доналд Туск најавува дека Полска ќе се залага за продолжување на помошта.
На состанокот во Брисел, Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан беше најблизок до претходните полски власти, може да стави вето на почетокот на преговорите на Украина со ЕУ.