– Владата денеска одлучи да испрати дополнителна помош во Турција, во хуманитарните операции и санирањето на последиците од завчерашниот разорен земјотрес.
На предлог на Министерството за одбрана се испраќаат уште 36 припадници на Армијата од Батаљонот за специјални операции, за учество во хуманитарна операција и уште 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување, во давање помош во санирање на последиците од земјотресот, информира владината прес-служба.
Се испраќа и, според информацијата од Дирекцијата за заштита и спасување и комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, 10 возила за транспорт на опремата и луѓето.
Претходно со одлуката на Владата, како помош за Турција беа испратени 24 припадници на Армијата, меѓу кои и две лица водачи на службени кучиња со кучиња, 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила. Од ДЗС, пак, 40 лица со комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини и шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.
Министерството за финансии доби задолжение до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2023 година, во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготват и до Владата да достават одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.