Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес му порача на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, дека „дојде време“ Турција да го ратификува документот за приклучување на Шведска во западниот воен сојуз.
Турција и Унгарија се единствените членки на НАТО кои сè уште официјално не го одобрија приемот на Шведска, потсетува медиумската агенција AP News. Јенс Столтенберг во изјава за оваа медиумска агенција вели дека за време на средбата со Реџеп Таип Ердоган, во пресрет на климатскиот Самит COP 28 во Дубаи, ја повикал Турција да го заврши пристапниот процес на Шведска.
„Утрово се сретнав со претседателот Реџеп Таип Ердоган и ја повторив мојата порака дека е дојдено време да се финализира процесот на пристапување на Шведска. Не можам да дадам точен датум, но го поздравувам фактот што пред неколку недели претседателот на Турција ги достави документите за ратификација до Парламентот“, нагласил генералниот секретар на НАТО.
Турција ја одложи ратификацијата повеќе од една година, обвинувајќи ја Шведска дека не ги зема доволно сериозно турските безбедносни грижи, вклучително и борбата против курдските милитанти и другите групи кои официјална Анкара ги смета за закана.
Шведска и Финска, кои се приклучија на НАТО во април, ја напуштија својата политика на неутралност и поднесоа барање за членство во алијансата по руската инвазија на Украина. За да се добијат нови членови, сите постоечки земји-членки мора да ја одобрат одлуката.