Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата долж линијата на конфронтација во источна Украина станала посериозна, бидејќи Русија воведе дополнителни трупи во борбените активности.
Руските сили го опколуваат Бахмут, каде што се водат битки за контрола на градот и клучните рути за снабдување на украинските сили, објави Ројтерс.
Руските војници се обидуваат да заземат и рудник за јаглен во близина на градот Вухледар, на околу 120 километри југозападно од Бахмут, исто така во регионот на Доњецк.
„Честопати морав да кажам дека ситуацијата на фронтот е тешка и станува сè потешка. Сега повторно дојде тој момент. Освојувачот распоредува сè повеќе од своите војници за да ја разбие нашата одбрана. Многу е тешко во Бахмут , Вуледар, Лиман и во други насоки”, рече Зеленски во ноќно видео обраќање.
Претходно, претседателот на Украина донесе одлука да им го одземе украинското државјанство на неколку поранешни влијателни политичари кои имаат двојно украинско-руско државјанство, во обид да ја „исчисти“ земјата од проруско влијание.
„Ги потпишав релевантните документи со цел да направиме уште еден чекор со кој ќе ја заштитиме и исчистиме нашата земја од оние на страната на агресорите“, рече Зеленски за време на неговото ноќно видео обраќање, без да ги именува оние на кои им е одземено државјанството.
Според украинските државни медиуми, на тој список има неколку високи политичари од кабинетот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, прорускиот претседател кој беше на чело на земјата од 2010 до 2014 година, кога беше сменет.