Општина Дојран доби 1.300.000 евра од Словенија за изградба на пречистителна станица, изјави градоначалникот Анго Ангов.
Тој истакна дека заедно со средствата добиени од Владата, во износ од 135 милиони денари, конечно ќе се реши деценискиот проблем со колекторскиот систем и третманот на отпадните води.
„Добивме позитивен одговор од словенечкиот Центар за меѓународна соработка и развој (ЦМСР) во врска со предлог-проектот за промоција на заштитата на споменикот на природата – Дојранско Езеро преку подобрен третман на отпадните води во општина Дојран. Благодарение на одличната соработка на општина Дојран со Амбасадата на Словенија и со амбасадорот Милан Предан ќе се доделат 1.300.000 евра за изградба на нова пречистителна станица.Предложениот проект е позитивно оценет и ќе биде вклучен во програмата CMSR за имплементација на меѓународна развојна соработка за периодот 2023 – 2024 година“, рече Ангов.