Дојче банк во црвено, се подготвува за најлошото сценарио

Најголемата германска банка Дојче банк денеска објави дека забележала загуба од 143 милиони евра во вториот квартал од 2024 година, што е нејзина прва квартална загуба од почетокот на 2020 година.

Дојче банк мораше да издвои 1,3 милијарди евра како мерка на претпазливост за трошоците за долгогодишниот правен спор со акционерите на Постбанк и така кварталот го заврши со загуба, пишува германскиот економски неделник Wirschaftsvohe.

Што се однесува до оперативното работење, вкупниот приход на банката во вториот квартал од 2024 година е зголемен за два отсто на 7,6 милијарди евра. Особено добри резултати се забележани во инвестициското банкарство, каде приходите се зголемени за девет отсто на годишно ниво на 2,6 милијарди евра. Раст е остварен главно од консултантски услуги и издавање хартии од вредност, што ги удвои приходите.

Вишиот регионален суд во Келн навести дека може да пресуди во корист на акционерите на Постбанк кои ја тужат Дојче банк поради наводната недоволна задолжителна отпремнина за малцинските акционери по преземањето во 2010 година.

Доколку нема вонсудска спогодба, судот во Келн ќе одлучува на 21 август, а Дојче банк се подготвува за најлошото сценарио.