– Измените на законите за вработените во јавниот сектор стапија на сила, по гласањето во Собранието минатата недела. Меѓу другото, тие предвидуваат дека вработените во јавниот сектор смеат да примаат подароци во вредност до 50 евра без да се сметаат за поткуп. Законот, исто така, наведува дека вработените не можат да бараат или примаат подароци поврзани со нивната работа, со исклучок на протоколарни и повремени подароци со помала вредност.
За подароци со помала вредност се сметаат оние што не го надминуваат износот од 3.000 денари или подароци примени од исто лице, чија вкупна вредност не надминува 4.000 денари годишно. Досега, подарок со помала вредност се сметаше за подарок до 1.000 денари.
Сепак, законот предвидува дека вработените се должни да ги предупредат донаторите за протоколарни подароци или подароци од одредена вредност дека тие стануваат сопственост на институцијата, откако претходно ќе бидат регистрирани во регистрите на подароци.
Законот со европско знаменце беше усвоен на собраниска седница на крајот од овој месец.
„Целта на овој Предлог-закон за вработените во јавниот сектор е и усогласување со европските принципи, стандарди и препораки. Законот за административни службеници е предвиден во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и е во согласност со принципите на SIGMA“, велат од Министерството за јавна администрација.
И во сегашниот и во новиот Закон, за вработените во јавниот сектор, се предлага забраните и ограничувањата за примање подароци да важат и за брачниот другар на вработениот во јавниот сектор, за лицата кои живеат заедно со вработениот во јавниот сектор во вонбрачна заедница, за нивните деца, родители и за лицата кои живеат во исто семејство.
Вработените во јавниот сектор се должни да ги предупредат донаторите дека протоколарни подароци и подароци со помала вредност стануваат сопственост на институцијата. Податоците за примените подароци, нивната вредност, донаторите и другите околности се евидентираат во регистрите на подароци по пријавување од страна на вработениот во јавниот сектор. Вработените во јавниот сектор се должни да ги пријават и податоците што мора да се евидентираат во случаите наведени во став (4) од овој член.
Исто така, во Македонија, функционерите на централната и локалната власт имаат строги ограничувања за вредноста на подароците што им е дозволено да ги примат. За оние што ги држат највисоките извршни позиции, ограничувањето за странски протоколарни подароци е 50 евра и 20 евра за домашни подароци.
Според анализата, на комесарите на ЕУ не им е дозволено да примаат подароци во вредност поголема од 150 евра. Во спротивно, тие мора да ги предадат на протоколот, кој води регистар на дадени подароци и идентитетот на давателот.