– Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) реагира на пропустите во Министерството за култура во однос на нефинансирањето на автори и нивните најнови дела. Доколку деновиве не се отстранат овие пропусти, ДПМ посочува дека ќе одржи вонреден пленум на кој ќе побараат одговорност од Министерството.
Претседателот на ДПМ Христо Петрески вчера соопшти дека Министерството за култура не го прифатило објавувањето на најновата поетска книга на поетесата Гордана Михаилова Бошњаковска.
-Гордана Михаилова Бошњаковска ја доби меѓународната награда „Книжевен жезол“ на ДПМ и денес е најпознатата наша поетеса од третата генерација. Пред некој ден исто така, се пожали во јавноста и писателот Петар Андоновски, дека Министерството не го прифатило за објавување неговиот најнов роман. Петар Андоновски е еден од најдобрите современи македонски писатели. Добитник е на највисоките државни награди за проза и неговите книги се преведуваат и објавуваат во странство, вели Петрески.
Како што посочува, и писателот Блаже Миневски не добил финансиски средства за неговиот најнов роман посветен на Гоце Делчев.
-Ниту Комисијата за издавачка дејност, ниту Министерството за култура немаат право да бидат цензори и да ги отфрлаат, односно нефинансираат врвните автори и нивните најнови дела. Во мое лично име и во име на ДПМ го кревам јавно својот глас и ги повикувам колегите – писатели Томислав Османли и Билјана Црвенковска, како членови на Советот за култура при Министерството за култура, да се заземат и да ги отстранат час поскоро овие катастрофални пропусти и нечовечки неправди, се наведува во соопштението на Петрески.