Дражен Петровиќ: Три децении од заминувањето на „кошаркарскиот Моцарт“

Поминаа точно 30 години од смртта на еден од најдобрите хрватски, југословенски и светски кошаркари на сите времиња, Дражен Петровиќ.

„Кошаркарскиот Моцарт“, како што често го нарекуваа, се најде меѓу 50-те луѓе кои најмногу придонесоа за Евролигата. Тој е еден од најголемите хрватски спортисти и важи за предводник на бранот европски кошаркари во НБА лигата.

Кариерата ја започна на 15 години кога тренерот на прволигашот Шибенка го воведе во играта. Петровиќ почнал да игра откако на тренинзите собирал и додавал топки на својот постар брат Александар.

Играше за Шибенка, Цибона, Реал Мадрид, Портланд Трејл Блејзерс и Њу Џерси Нетс, како и за репрезентацијата на Југославија, а од 1992 година и за репрезентацијата на Хрватска.

Како полнолетен, тој потпиша за загрепска Цибона, клубот во кој играше неговиот брат. Два пати ја предводеше Цибона до тронот на Европа, а во две сезони беше најдобар европски играч. После тоа се пресели во Шпанија, во Реал Мадрид.

Во тој период Дражен со голем успех беше и предводник на репрезентацијата, а се издвојуваат победите на Светското првенство во Аргентина во 1990 година и златниот медал на Европско првенство во Загреб во 1989 година. Настапите во Европа не останаа незабележани меѓу скаутите на северноамериканската професионална лига.

Така Петровиќ во 1990 година станува член на НБА Портланд Трејл Блејзерс, од каде преминува во Њу Џерси Нетс.

Не само што во 1992 година беше најдобар шутер во тимот, а особено кога се работи за погодување „тројки“, туку и најдобар Европјанин кој до тогаш играше во НБА лигата. Уште еден трофеј беше и за најдобриот бек на НБА во таа сезона. Таа година Дражен хрватската репрезентација ја однесе до сребро на Олимпијадата во Барселона и тоа во финалната средба против „Дрим Тимот“, за кој играа најдобрите играчи од американската НБА лига и воедно некои од најдобрите кошаркари во историјата: Мајкл Џордан, Лари Бирд, Меџик Џонсон, Скоти Пипен и други.

Придонесот на Дражен во НБА е многу значаен, бидејќи во време кога таму немаше многу неамериканци, тој покажа и докажа дека европските играчи можат да играат забележителна, па дури и лидерска улога во тие тимови. Загина во сообраќајна несреќа во 29-тата година од животот.

Во неколку наврати на почетокот на 1990-тите тој даваше антивоени пораки пред зградата на Обединетите нации поради војната во Хрватска. Во 2006 година во негова чест во Загреб е отворен музеј и меморијален центар „Дражен Петровиќ“, заедно со кошаркарска сала која исто така го носи неговото име.

ТРТ БАЛКАН