Кристијан Ериксен, данскиот репрезентативец и играч од средниот ред на Манчестер Јунајтед, наскоро ќе добие неочекуван бонус на својата банкарска сметка.
Приходите не се поврзани со неговите фудбалски активности, туку обештетувањето што обложувалницата Bet365 ќе треба да му го плати.
Имено, гореспоменатата компанија го користела името и фотографиите на Кристијан Ериксен на социјалните мрежи без негово знаење. Меѓутоа, во овој случај не е само Кристијан Ериксен, туку со уште 22 дански спортисти.
Сопственикот на компанијата Bet365 од Малта, ќе треба да им плати 4,7 милиони дански круни (околу 700.000 долари). Вака одлучи денеска (понеделник) во Копенхаген данскиот поморски и трговски суд.
Според пресудата, најмногу е искористен ликот на Кристијан Ериксен, па тој ќе го добие и најголемото парче од „тортата“, односно 1,45 милиони круни. Освен него, отштета ќе добијат и неговите репрезентативци Симон Кјаер и Каспер Шмајхел и олимпискиот победник во бадминтон Виктор Акселсен.
Bet365 се бранеше со тврдењето дека употребата на имиња и фотографии треба да се смета за уредувачка содржина која не е предмет на плаќање, но судот пресуди дека тоа е маркетинг за што е потребна согласност.