„Околу 10.000 војници ќе бидат на границата, од кои четири илјади директно ќе ја поддржат граничната стража, а шест илјади ќе бидат во резерва“, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак во интервју за јавното радио.
„Ја придвижуваме Армијата поблиску до границата со Белорусија за да го заплашиме агресорот за да не се осмели да не нападне“, тврди Мариуш Блашчак.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Полска, Мачеј Васик, првично во средата изјави дека Полска планира да испрати две илјади војници на границата.
Официјална Варшава е се позагрижена за ситуацијата на границата со поранешната советска држава откако минатиот месец таму пристигнаа стотици платеници од руската група Вагнер.
Оваа недела Белорусија продолжува со воените вежби во близина на границата, а нејзиниот претседател Александар Лукашенко постојано повторува дека ги спречува борците на Вагнер кои сакаат да ја нападнат Полска.
Зголемен е и бројот на претежно мигранти од Блискиот Исток и Африка кои пристигнуваат во Полска од Белорусија.
Првиот човек на граничната стража, Томаш Прага, претходно оваа недела објави дека 19.000 луѓе се обиделе илегално да ја преминат границата оваа година, наспроти 16.000 минатата година.