Јапонската влада и Комисијата за атомска енергија формираа штаб за спречување на несреќи во нуклеарната централа по силните земјотреси во префектурата Ишикава.
Телевизискиот канал NHK наведува дека властите собираат информации за состојбата на нуклеарната централа Шика. Во моментов првиот и вториот реактор на станицата се исклучени, а кризниот штаб го зголемува мониторингот на контролните пунктови за нивото на радијација.
Досега не се идентификувани итни случаи во нуклеарните централи Кашивазаки-Карива, Такахама, Ои и Михама во префектурата Фукуи. Медиумите претходно објавија дека цунамито е забележано во близина на најголемата нуклеарна централа во светот Кашивазаки-Карива и дека висината на бранот била нешто помала од половина метар.
Локалните медиуми јавуваат дека голем пожар избувнал во градот Ваџима во јапонската префектура Ишикава по серија силни земјотреси.
Новинатската агенцијата Кјодо известува дека неколку противпожарни бригади се борат да го локализираат пожарот.
Серија силни земјотреси се случија во понеделникот попладне по локално време во западниот дел на Јапонија. Првите земјотреси со јачина од 5,7 степени се регистрирани во 16 часот и 6 минути по локално време, вториот и најсилен со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала се случи во 16 часот и 10 минути, а осум минути подоцна е забележан земјотрес со јачина од 6,1 степени.
Серија нови земјотреси ја погодија префектурата Ишикава помалку од еден час по првите силни потреси.
Земјотреси со јачина од 4,9 и 5,2 степени се регистрирани во 17 часот и 20 минути и 17 часот и 7 минути.
Закана од цунами беше издадена за целиот западен брег на Јапонија од северниот остров Хокаидо до јужниот дел на Кјушу, а висока закана од цунами беше прогласена во областа на префектурата Ишикава.
За два часа на западниот брег на Јапонија се регистрирани 29 земјотреси во областа на префектурите Ишикава и Ниигата, покажуваат податоците на Јапонската метеоролошка агенција.