Глечерите се топат со спектакуларно темпо и ништо не може да го спречи тоа, а глобалното ниво на морињата се зголемува повеќе од двојно побрзо отколку во првата деценија од мерењата од 1993 до 2002 година, предупредија во петокот Обединетите нации, објавуваат странските медиуми.
Во пресрет на „Денот на планетата Земја“ на 22. април, Светската метеоролошка организација (СМО) во петокот го објави својот годишен извештај за состојбата на климата во светот и промените што се случија на планетарно ниво поради рекордното ниво на стакленички гасови во атмосферата.
Во извештајот се наведува дека просечната температура на планетата во 2022 година била повисока за 1,15 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период (1850-1900) и дека изминатите осум години биле најтопли од почетокот на мерењата, и покрај ладењето предизвикано од климата.
Светот би можел да собори нов рекорд на просечна температура во 2023 или 2024 година поради климатските промени и очекуваното затоплување поради враќањето на „Ел Нино“, предупредуваат климатолозите.
Според СМО – „морскиот мраз кај Антарктикот го достигна најниското ниво досега забележано, а топењето на некои европски глечери буквално собори рекорди“.
„Веќе изгубивме кога станува збор за глечерите бидејќи концентрацијата на CO2 е веќе многу висока и постои ризик нивото на морето да продолжи да расте во годините што доаѓаат“, изјавил за AFP генералниот секретар на СМО, Петери Таалас.
„Топењето на глечерите не може да се запре освен ако не се најде начин да се отстрани CO2 од атмосферата“, тврди тој.
Глечерите се стопија многу повеќе од просекот во последните десет години. Од 1970 година, тие се стопиле за речиси 30 метри.
Европските Алпи урнаа рекорди за топење на глечерите поради комбинацијата на слаби снежни врнежи, доаѓањето на сахарска прашина во март 2022 година и топлотните бранови од мај до почетокот на септември.
Состојбата со швајцарските глечери е особено драматична. Тие изгубија шест отсто од обемот помеѓу 2021 и 2022 година, а од 2001 до 2022 година дури една третина. Летото прв пат не го преживеа снегот, дури и на највисоките локации каде што се прават мерења, а немало таложење на свеж мраз.
Нивото на морето и топлината на океаните исто така достигнаа рекордни нивоа.
Глобалното ниво на морињата се зголемува повеќе од двојно побрзо отколку во првата деценија на мерењата од 1993-2002 година, со нов рекорд поставен минатата година.
Тие растеле во просек за 4,62 милиметри годишно од 2013 до 2022 година. Вкупниот пораст од почетокот на 1990-тите е повеќе од 10 сантиметри, според извештајот, објавува медиумската агенција Reuters.
Сушата, поплавите и топлотните бранови погодуваат големи делови од светот, а придружните трошоци продолжуваат да растат. Топлотните бранови однесоа 15.000 животи само во Европа минатата година.
„Емисиите на стакленички гасови не престануваат да се зголемуваат, климата продолжува да се менува и населението на целиот свет е сериозно погодено од екстремните временски и климатски феномени“, предупредува Петери Таалас.