Од саботата вечерта во Србија е во тек голема потрага по тројца мажи чиј брод се превртел во Белград на реката Дунав, додека четвртиот човек од чамецот успеал да доплива до брегот.
Милош Марковиќ (37 г.), Ненад Тривковиќ (38 г.) и Милан Николиќ (36 г.) ги бара полицијата со своите специјални служби, а во потрагата се вклучиле и роднини и пријатели. Се пребарува водата и земјата, од мостот се до Панчево, пишува српскиот весник Blic.
Blic пишува дека во саботата четворица пријатели тргнале од Земун со чамец за да се дружат и се упатувале кон „Бела стена“, викенд-одморалиште на Дунав, кое се наоѓа на половина пат помеѓу Белград и Панчево. Пловеле во пластичен чамец, нормално тесен и плиток, кој се смета за многу нестабилен. Во саботата доцна вечерта, кога се упатиле кон Земун, чамецот се превртел. Blic пишува дека најверојатно тоа се случило поради лошото време, поточно силниот ветер и големите бранови на Дунав.
„Кога не удри вториот бран имаше многу вода и бевме поплавени, поради што чамецот почна да тоне и се преврте“, изјавил Мане, кој успеал да доплива до брегот.
Откако се превртел, Мане почнал да плива кон брегот, а тројцата мажи се држеле за превртениот чамец и чекале помош.
Рибарот Ренато Грбиќ, кој има искуство и учествувал и во потрагата по Матеј Периш од Сплит, објасни што згрешиле.
„Да отидеа по левиот брег, ништо немаше да се случи. И да се превртеа, брзо ќе испливаа неколку метри од брегот. Ќе успееа да се зграпчат за гранка и да се спасат. Вака тргнале на спротивната страна во најголемото невреме. Најголемиот удар на невремето е веднаш под мостот“, изјавил Грбиќ за српскиот весник Telegraf.rs.
Човекот кој успеал да доплива до брегот тоа го направил со помош на даска од стиропор.
„Залутал низ грмушките над насипот, ја видел светлината која се рефлектирала, стигнал до првите луѓе и ја пријавил несреќата“, велат очевидци.
Во потрагата по тројцата мажи биле пронајдени некои работи кои би можеле да бидат нивни, но се уште се водат за исчезнати. Чамецот со кој пловеле се уште не е пронајден.
Семејствата на исчезнатите мажи апелираат до сите луѓе со добра волја кои имаат чамци да помогнат во потрагата.