Сите летови на аеродромот во Хамбург беа прекинати во понеделникот поради закана од напад на авион кој пристигнувал од Техеран, соопшти портпаролката на аеродромот, пренесуваат германските медиуми.
Сите 198 патници и 16 членови на екипажот го напуштиле авионот и биле подложени на безбедносна проверка во посебен простор, соопшти полицијата, а авионот и багажот се претресуваат.
„Авионите не полетуваат и не слетуваат на аеродромот од 12:40 часот“, изјави портпаролката на аеродромот.
Сомнителниот авион слетал во Хамбург во 12:20 часот по локално време.
Полицијата добила е-пошта со закана дека ќе го нападне тој лет, соопштија властите, додавајќи дека заканата е сфатена сериозно.
Дополнителни детали од германските власти и полиција засега не се објавени.