Владејачката партија во Грузија во четвртокот соопшти дека се откажува од нацрт-законот за „странски агенти“ по двете ноќи на насилни протести против, како што велат противниците, авторитарен пресврт инспириран од Русија што ги загрозува надежите на земјата за пристапување во Европската унија.
Владејачката партија Грузиски сон преку соопштение најави дека – „безусловно ќе го повлече предлог-законот што го поддржале без резерва“.
Партијата ја наведе потребата од намалување на „конфликтите“ во општеството, отфрлајќи ги „лагите“ што „радикалната опозиција“ ги кажа за предлог-законот.
Според овој закон, сите грузиски организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од својот приход од странство треба да се регистрираат како „странски агенти“ или ќе се соочат со парични казни.
Грузиски сон претходно соопшти дека законот е неопходен за да се разоткријат критичарите на Грузиската православна црква, една од најмоќните институции во земјата.
Делегацијата на Европската унија ја пофали одлуката за повлекување на законот, преку објава на социјалната мрежа Твитер: „Ја поздравуваме најавата на владејачката партија за повлекување на нацрт-законот за трајно влијание“.
„Ги охрабруваме сите политички лидери во Грузија да продолжат со проевропските реформи, на инклузивен и конструктивен начин“, се вели во објавата на Твитер.
На заедничкиот брифинг на опозициските партии по повлекувањето на нацрт-законот, Гига Лемоњала, претставник на партијата Дроа, кажа дека протестите ќе продолжат се додека владата официјално не го осуди предлог-законот за „странски агенти“ и не ги ослободи сите приведени за време на протестите.
Парламентот првично го одобри законот во вторникот, но потоа десетици илјади демонстранти се собраа пред парламентот а истата ситуација се повтори и во средата. Некои демонстранти фрлаа нафтени бомби, камења и пластични шишиња кон полицијата.
Скршен е најмалку еден прозорец од зградата на парламентот, а превртен е и полициски автомобил. Полицијата употреби солзавец, шок-бомби и водени топови за да ја растера толпата и соопшти дека за време на протестот во вторникот биле уапсени 77 лица.
Противниците на законот, вклучително и грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, која кажа дека ќе стави вето, го споредија предлог-законот со рускиот закон од 2012 година, кој беше искористен за сузбивање на несогласувањето од владата.
Грузиската влада вели дека законот е направен според американските закони за „странски агенти“ кои се во сила од 1930-тите години.
Грузиски сон долго време беше критикуван од грузиската опозиција за, како што кажуваат, прекумерна блискост со Москва. Русија ги поддржа сепаратистите во отцепените грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија.
Нацрт-законот ги налути поддржувачите за членството на Грузија во Европската унија, откако претставниците на ЕУ го осудија предлог-законот и рекоа дека тоа ќе го комплицира патот на Грузија кон пристапување во блокот.
Минатата година, Европската унија одби да и додели на Грузија кандидатски статус заедно со Молдавија и Украина, наведувајќи ги како причина застојот на политичките и судските реформи.