Се стравува дека девет рудари се затрупани откако започна свлечиште во рудник за злато на истокот на Турција, изјави денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Рудникот Коплер се наоѓа во близина на Илиќ, во планинската провинција Ерзинџан, на истокот на Турција.
Турскиот министер за внатрешни работи рече дека не е познато што се случило со деветмината рудари и дека 400 лица за пребарување и спасување се на местото на настанот. Во спасувачката операција учествува и персоналот на агенцијата за итни случаи АФАД од соседните провинции, пренесе АП.
„Има луѓе закопани под земја, нивниот број не е јасен. Потрагата и спасувањето започнаа“, рече гувернерот на Ерзинџан, Хамза Ајдогду.
Градоначалникот на Ерзинџан, Бекир Аксун за Хабертурк изјави дека меѓу 10 и 12 работници се водат за исчезнати, пренесе АП.
Рудникот Коплер го работи Анаголд Мајнинг од 2009 година, а Јерликаја рече дека таму се вработени 667 луѓе.