Патролен брод на руската Црноморска флота утрово насилно запрел товарен брод во југозападниот дел на Црното Море, кој бил на пат кон Украина и не одговорил на предупредувањето, соопшти Министерството за одбрана на Русија.
– Утринава околу 6 часот и 40 минути по московско време, во југозападниот дел на Црното Море, патролниот брод на Црноморската флота „Василиј Биков“, кој вршеше навигациска контрола, го откри товарниот брод „Сукра Окан“ под знамето на Палау, кој пловел кон украинското пристаниште Измаил – се наведува во соопштението.
Капетанот на товарниот брод не одговорил на барањето да го запре пловилото за да провери дали превезува забранета стока, па од рускиот воен брод бил испукан предупредувачки оган од автоматско малокалибарско оружје, пишува весникот „Известија“.
За да се провери пловилото, од рускиот воен брод бил подигнат хеликоптер Ка-29 со група руски војници, кои се симнале на бродот кога тој застанал. По извршената проверка, пловилото „Шукра Окан“ го продолжило движењето кон пристаништето Измаил, соопшти руското Министерство.
Руското Министерство за одбрана на 19 јули објави дека по истекот на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море, сите бродови што пловат кон украинските пристаништа на Црното Море ќе се сметаат за потенцијални превозници на воен товар.