Дали е ова воен удар во Русија ? – прашува уредникот на BBC за Русија додека ги гледа речиси неверојатните сцени од градот на југот на Русија, Ростов на Дон.
Силите на платеничката група Вагнер синоќа влегле во градот, а нивниот водач Евгениј Пригожин тврди дека неговата цел е (само) да го собори руското воено раководство.
Неговата цел, според неговите тврдења не е да го собори Владимир Путин од чело на Русија. На видеото објавено утрово на социјалните мрежи, може да се види како Евгениј Пригожин се расправа со руски офицери во регионалниот штаб на руската Армија во Ростов на Дон.
„Дојдовме овде затоа што сакаме да го (собориме) началникот на Генералштабот и рускиот министер за одбрана“, вели Евгениј Пригожин и се закани дека во спротивно тој и неговите борци ќе го блокираат градот, а потоа ќе се упатат кон Москва. Во одвоено видео, Евгениј Пригожин тврди дека аеродромот и воените објекти во Ростов биле под контрола на Вагнер.
Руските власти рано утринава Евгениј Пригожин попознат како „готвачот“ го обвинија за вооружен бунт.
Во анализата потпишана од нивниот експерт за безбедност Френк Гарднер, BBC пишува дека бунтот на Евгениј Пригожин може да се развие во неколку правци.
„За Украина, тајмингот не може да биде подобар“, вели аналитичарот.
„Како што Киев се справуваше со сите последици од можниот неуспех на неговата контраофанзива, овој бунт дојде како спас за Киев. Бидејќи Кремљ и Вагнер сега се преокупирани со сопствената борба, некои од најефикасните борбени единици на Русија ќе мора да бидат повлечени од украинската линија на фронтот. Што е уште поважно, овој предизвик за Москва може сериозно да го поткопа моралот меѓу нејзините војници кои ги држат сите оние вкоренети одбранбени линии што Украина се обидува да ги пробие. Во идеален свет, ова би завршило со руско повлекување од Украина. Но, веројатно нема да биде толку едноставно“, вели Френк Гарднер во својата анализа.
Друг можен исход е дека предизвикот на Евгениј Пригожин кон Кремљ ќе биде краткотраен, а неговите сили ќе бидат принудени да се предадат.
„Но, што и да се случи, водата се прелеа надвор од шишето“, заклучува аналитичарот на BBC.
„Бунтот на водачот на платеничката група Вагнер може да предизвика најсериозна домашна криза за Владимир Путин од почетокот на неговата инвазија на Украина“, пишува уредничката на Sky News за безбедност и одбрана Дебора Хејнс.
„Засега не е можно да се процени какви последици ќе има бунтот на Евгениј Пригожин за режимот на Владимир Путин. Друг фактор што останува нејасен е колку платеници се спремни одговорат на повикот за акција на Евгениј Пригожин. Но едно е сигурно: ескалацијата на внатрешните конфликти во Русија ќе биде поттик за украинските сили, кои најверојатно ќе се обидат да ги искористат предностите на нередот додека напредуваат голема контраофанзива“, вели Дебора Хејнс.