Извршниот директор на аеродромите во Дубаи, Пол Грифитс, рече дека компанијата работи на план за новиот меѓународен мега аеродром Ал Мактум, кој треба да биде изграден на периферијата на градот.
За време на говорот на саемот за воздухопловство во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати, директорот нагласи дека актуелниот бизнис покажува дека на Дубаи му треба нов аеродром.
„Кога ќе достигнеме околу 120 милиони патници годишно, што е бројката што мислиме дека е максимална кога зборуваме за меѓународниот аеродром во Дубаи, ќе ни треба нов аеродром. Тоа ќе треба да се случи во текот на 2030-тите. Ќе работиме на тие плановите во следните неколку месеци“, рече Грифитс.
Грифитс, исто така, рече дека новите бројки предвидуваат 86,9 милиони патници во Дубаи Интернешнл оваа година, надминувајќи го сообраќајот пред пандемијата во 2019 година.
Иако на Блискиот Исток во тек е војна меѓу Израел и Хамас, директорот на аеродромот изјави дека настаните не влијаеле на бројот на патници.
„Имаше многу, многу мало влијание врз воздушниот сообраќај. Всушност, во некои региони тој стана уште посилен од порано, така што немаше видливи удари“, рече тој.