ДУИ: Владата да го запре спроведувањето на руската агенда за дестабилизација на државата

ДУИ преку соопштение за медиумите бара да престане, како што велат, руската агенда за дестабилизација на државата.

Од ДУИ велат дека власта ги обвинува Албанците за кризите предизвикани од самата извршна власт, а потенцираат дека тоа се прави за да се сврти вниманието од неспроведувањето на уставните измени.

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за опасните политики на владата, кои не само што ја поткопуваат стабилноста на Северна Македонија, туку се совпаѓаат и со дестабилизирачката агенда што им служи на геополитичките интереси на Русија. Неодамнешните дејствија на владата, вклучително и обвинувањето на Албанците за кризата што тие самите ја создадоа, покажуваат јасна стратегија насочена кон две цели: да се уништат темелите на Охридскиот мировен договор и да се оттргне вниманието од неуспехот да се спроведат уставните измени неопходни за патот интеграција кон Европската Унија“.

„Присуството на личности како вицепремиерот Стоилковиќ и неговата координација со дестабилизирачката агенда на политичарите како Вулин, познат по неговите блиски врски со Кремљ и напорите за поткопување на регионалната стабилност, е јасен доказ за директното влијание на Русија врз овие случувања. Од ДУИ нагласуваат дека Албанците отсекогаш биле гаранти на стабилноста и промотори на евроатлантските процеси во Северна Македонија.

„Обидите да се прикажат како дестабилизирачки фактор се неосновани и имаат за цел да ги прикријат неуспесите на владата и нејзината ориентација кон странски агенди. Ја повикуваме владата веднаш да престане со овој неодговорен курс и да даде јавен отчет за мотивите и последиците од овие политики.
Албанците нема да станат плен на овие намерни провокации и ќе продолжат да ги штитат стабилноста, мирот и евроатлантскиот пат на државата“, велат од ДУИ.

Исто така, го повикуваат меѓународниот фактор будно да ги следи овие случувања и да интервенира за да спречи, како што велат, дестабилизирачките агенди да предизвикаат непоправлива штета на земјата и регионот.