ДУИ денеска го обвини актуелниот лидер на Клиничката болница во Тетово дека манипулира со тендерите и загубата на детски животи поради недостиг на лекови.
„Скандалите со клиничкиот центар Тетово секој ден сè повеќе го шокираат јавното мислење. Последната вест која открива дека директорот потпишал договор од 300.000 евра со таткото на снаата на неговиот син е јасен доказ за невидена морална деградација.
Како е можно такви луѓе со криминален ум и без милост да си ги збогатуваат семејствата додека пациентите и децата ги губат животите поради лошо управување и немање лекови и основни услуги?
Може ли некој да замисли поголема неодговорност и поголема рамнодушност кон животот на луѓето? Дали е ова стандардот што министерот за бизнис во здравство го постави за јавниот сервис? Наместо да обезбедат витални лекови и минимални услови за лекување, овие лица избраа да ја искористат болката и маката на пациентите за да ги полнат своите и џебовите на нивните семејства“, обвинуваат од ДУИ.
Од ДУИ велат дека здравството е сектор кој треба да служи за спасување животи, а не за создавање богатство на семејните кланови поврзани со неспособни и корумпирани лидери. Оваа состојба е резултат на неспособна власт и деградирано раководство кое ги става личните интереси над животот и здравјето на граѓаните.
„Ги повикуваме органите на правдата и сите релевантни фактори веднаш да интервенираат за да се запре оваа морална и институционална катастрофа. Одговорните за оваа деградација мора да сносат правна и морална одговорност за непроценливата штета што им ја нанесуваат на пациентите и граѓаните на оваа држава“, велат од таму.
Граѓаните на Тетово и на цела држава, додаваат оттаму, заслужуваат здравство кое достоинствено и професионално им служи, а не систем преточен во извор на богатење на некои неодговорни поединци. ДУИ останува посветена да ги штити интересите на граѓаните и да обезбеди иднина во која здравјето не е привилегија, туку загарантирано право за сите.