Извори од Демократската Унија за Интеграција потврдија дека ниту пратениците на партијата на Али Ахмет нема да ги поддржат предлозите за министри во Техничката влада кои доаѓаат од ВМРО ДПМНЕ по предупредувањата на Христијан Мицкоски дека неговата партија нема да гласа првиот албански премиер Талат Џафери и целиот состав на техничката влада, на крајот на јануари.
Инаку, синоќа извори од СДСМ потврдија дека има политички договор, за составот на техничката Влада да биде доставен без имињата на кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите предлози за состав на техничката Влада ќе бидат доставени до Собранието, додека позициите што ВМРО-ДПМНЕ мора да ги предложи согласно законот ќе бидат празни, без имиња и презимиња. Не гледаме потреба да предлагаме, дури ни пратениците на СДСМ од парламентарното мнозинство, да гласаат за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ доколку самите не ги поддржат. Никаде во демократскиот свет нема пример некој да предлага министри или заменици и да не ги поддржи во текот на гласањето? Не се работи за политички игри. Техничката влада е законска обврска. Таа мора официјално да го предложи новиот технички премиер. Кога ќе бидат во ВМРО-ДПМНЕ спремни да ги поддржат, пред се, нивните предлози, тогаш може да бидат предложени и поддржани од пратениците на СДСМ.
Според изворите, ваквата одлука на СДСМ има поддршка од другите партии на власт, а доаѓа откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно изјавил дека неговата партија ќе учествува во техничката Влада, ќе предлага кандидати, но нема ги поддржат во Собранието, а воздржано ќе гласаат за избор на техничката Влада.