Демократската унија за интеграција излезе со реакција, откако Артан Груби вчера беше ставен на „црната листа“ од САД.
Од ДУИ во кратката реакција до медиумите велат дека ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот и дека остануваат посветени на соработката.
„Демократската унија за интеграција ја почитува одлуката на американскиот Стејт департмент. Како партија остануваме посветени на стратешката соработка со САД и на зајакнувањето на демократските вредности и транспарентноста“, велат од ДУИ.
Инаку, вчера Артан Груби и судијата Енвер Беџети беа прогласени за „непосакувани“ од САД поради вмешаност во корупција и мешање во правосудниот систем.
„Овој избор на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се впуштаат во корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува довербата на јавноста. Никој не е над законот и одговорноста е суштинска за напредок“, напиша американската амбасадорка во Скопје Ангела Агелер на својот Х профил откако Груби и Беџети беа ставени на „црната листа“.