Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вчера ја посети Општина Желина каде што, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, одржа состанок со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавни институции.
„Целта на посетата беше презентација на лице место на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година. Централна тема беше големата поддршка што ја дава Владата за вработување и самовработување – рекорден износ од 40 милиони евра, наменет за над 10.000 граѓани кои сакаат да најдат работа, да отворат сопствен бизнис или да се обучат за одредена професија“, соопшти Министерството за економија.
Дурмиши рече дека ова „не е само план на хартија – ова е план за иднината, план во кој секој млад маж, жена и невработен ја наоѓа својата можност“.
Тој информираше дека преку досегашните јавни повици за активните мерки за кои веќе се врши избор: Мерка 1.1: До 7.000 евра за започнување бизнис за лица над 29 години, Мерка 1.2: До 10.000 евра за млади лица до 29 години со иновативни идеи, Мерка 1А: До 20.000 евра за заеднички бизниси од најмалку две лица, поднесени се вкупно 6.026 апликации.
Посебен акцент беше ставен на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, една од најуспешните форми на подготовка за вработување, која директно ги поврзува компаниите и невработените.
Како што нагласува Министерството во соопштението, преку оваа мерка, работодавачите обучуваат персонал според нивните реални потреби; невработените стекнуваат практични вештини во реална работна средина; се создава можност за трајно вработување по завршувањето на обуката.
Во рамките на посетата беше презентирана и мерка за субвенционирано вработување, со која се повикуваат работодавачите од микро, мали и средни претпријатија и граѓанските организации да аплицираат за поддршка при креирање работни места.
Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување продолжуваат со теренските активности. Како што е најавено, по Желино, ќе следат посети во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.