Еве каде е Новак Ѓоковиќ во однос на заработката: Федерер најплатениот тенисер, Џордан спортистот…

Иако ја заврши кариерата пред речиси три години, Швајцарецот Роџер Федерер сè уште зазема високо место на листата на најплатени спортисти на сите времиња и е прв кога е во прашање тенисот – според анкетата спроведена од Спортико.

Швајцарецот е на деветтото место на листата на најплатени спортисти на сите времиња со импресивни 1,59 милијарди долари заработка во кариерата, прилагодени за инфлација. Федерер има освоено повеќе од 100 милиони долари во наградни фондови, заедно со бројни профитабилни спонзорски договори со компании како што се „Најк“, „Жилет“ и „Ролекс“.

Втор на листата меѓу тенисерите е Рафаел Надал, кој ја зазема 26-тата позиција со заработка од 735 милиони долари. Да потсетиме, Надал се пензионираше минатата година по финалето на Дејвис купот.

Тенисерот Новак Ѓоковиќ е рангиран на 33-то место со вкупна заработка од 690 милиони долари. Српскиот тенисер е сè уште активен на АТП турнејата и има шанса да го помести своето место на листата пред да се пензионира.

Единствената тенисерка на листата е американската легенда Серена Вилијамс, која со 23 гренд слем титули е на 40-то место со вкупно 660 милиони долари заработени во текот на кариерата.

Поранешната НБА ѕвезда Мајкл Џордан се најде на врвот на листата на најплатени спортисти со неверојатни 4,15 милијарди долари, додека меѓу првите 5 се наоѓаат и голф легендата Тајгер Вудс, португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, НБА легендата Леброн Џејмс и аргентинскиот фудбалер Лионел Меси.