За прв пат по Студената војна, Германија повторно сака да воспостави конкретен одбранбен план.
Оперативниот план треба да дефинира како Германија треба да постапи во случај на голем конфликт како што е можен руски напад врз НАТО. Документот треба да биде готов до крајот на март, кога треба да се знаат сите детали за новата германска воена стратегија.
Германскиот таблоид Билд дозна неколку нови информации од документот.
Експертите запознаени со планот велат дека Германија треба да служи како „транзитна земја“, што значи дека ќе биде претоварна точка за тенкови и проектили што треба да се испорачаат на фронтот. За таа цел ќе бидат одредени пристаништа или автопати и железници , кои привремено ќе бидат затворени за цивилен сообраќај, а војниците ќе бидат распоредени за заштита на транспортот.
Во таканаречениот Оплан, наводно се наведени задачите за цивилното население. Треба да се формираат до шест волонтерски полкови за заштита на електраните и критичната инфраструктура. Граѓаните треба да градат и свои засолништа во своите гаражи или подруми.
Шефот на федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи, Ралф Тислер, рече дека изградбата на нови јавни засолништа повеќе не е можно или целисходно поради временските ограничувања.
Германија во моментов има 579 јавни засолништа за воздушни напади, меѓутоа, голем број мора да се реновираат пред да можат да се користат.
Со одбранбениот план Германија сака да ја земе предвид зголемената закана во Европа.
– Тоа треба да биде план што е остварлив, не сон или мисловен концепт, туку всушност нешто опипливо што на крајот може да функционира – изјави командантот на цивилната одбрана Андре Бодеман.
Некои експерти веќе се сомневаат во концептот.
– Мислам дека е целосно нереално да се направи таков план до март – вели воениот експерт Буркард Мајнер од германскиот институт за одбранбени и стратешки студии.
Мајнер наведува дека не е погрешно да се направи таков план со оглед на зголемената закана од Русија, но сепак, тој смета дека многу носители на одлуки не се на висина на задачата.
– Најмногу ме загрижува менталитетот на Бундесверот. Полемички гледано, Бундесверот не е војска, туку самоуправна единица. Не може толку брзо да се поправи – смета Мајнер.
Заради војната во Украина, да потсетиме, се повеќе европски земји размислуваат за повторно воведување на редовен воен рок , а меѓу нив е и Германија, каде повеќе од половина од граѓаните ја поддржуваат ваквата иницијатива.