Затворска казна од 1 до 10 години му се заканува на 46-годишниот скопјанец кој од Белград до бугарско-турската граница го превезе осомничениот Љупчe Палевски – Палчo.
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против 46-годишен скопјанец поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело помагање на сторител по извршување на кривичното дело од член 365 став 3 во однос на став 1. КЗ.
„Сомнението дека осомничениот сторил кривично дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност на Секторот за меѓународна полициска соработка доставени до СВР Скопје, во кои е наведено дека лицето е осомничено дека сторил кривично дело, за кое е распишана меѓународна потерница на 2.12.2023 година, регистрирана на граничните премини во Република Бугарија, со влез во Република Бугарија на ГП Калотина и излез од Република Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Република Турција).“
„Двете регистрации се со возилото „ленд ровер“, кое го управувал осомничениот. Лишено од слобода е лицето со кое полициските службеници од Секторот за меѓународна соработка извршиле информативен разговор.
„Во конкретниот случај постојат околности кои го оправдуваат стравот од опасност од бегство, како и посебни околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, со оглед на околностите од видот и карактерот на кривичното дело“, се вели во соопштението на обвинителството.