Кофеинот има значајно влијание врз забрзувањето на отчукувањата на срцето и зголемувањето на крвниот притисок, што директно ги оптоварува крвните садови и работата на срцето
Прекумерната употреба на кофеин е поврзана со зголемен ризик од фатални срцеви заболувања, покажа новото истражување. Само четири шолји кафе дневно може да предизвикаат сериозни кардиоваскуларни проблеми, предупредуваат експертите.
Кофеинот има значајно влијание врз забрзувањето на отчукувањата на срцето и зголемувањето на крвниот притисок, што директно ги оптоварува крвните садови и работата на срцето. Долготрајното консумирање на големи количини на кофеин неизбежно води до потенцијални проблеми со срцето.
Повеќе од четири чаши го зголемуваат ризикот од болести
Истражувањето на д-р Ненси Кагатар сугерира дека пиењето повеќе од четири шолји кафе дневно може да го зголеми ризикот од сериозни срцеви заболувања.
– Поради неговото влијание врз автономниот нервен систем, редовното консумирање кофеин може да го зголеми ризикот од хипертензија и други кардиоваскуларни проблеми кај здравите луѓе – изјави д-р Кагатар. Таа, заедно со тим од индиски научници, дошла до овие заклучоци проучувајќи 92 здрави луѓе, пишува Daily Mail.
За време на истражувањето, пулсот и крвниот притисок на испитаниците беа мерени пред и по триминутно кардио вежбање. Собрани се демографски податоци и податоци за внесот на кофеин, вклучително и информации за тоа дали пиеле кафе, чај или безалкохолни пијалоци. Околу 20 отсто од учесниците консумирале повеќе од 400 мг кофеин дневно, што е еквивалентно на два енергетски пијалоци или околу девет шолји црн чај. Кај тие испитаници е забележан зголемен крвен притисок и зголемен пулс после вежбање.
– Подигнувањето на свеста за ризиците од прекумерната употреба на кофеин е клучно за зачувување на здравјето на срцето – вели д-р Кагатар.
Најголем внес на кофеин е забележан кај жените од урбаните средини кои работат во деловно опкружување.
Привремено висок крвен притисок не е опасен, но долгорочниот висок крвен притисок може да ги оштети крвните садови и срцевиот мускул, што доведува до срцев или мозочен удар, проблеми со бубрезите, деменција и оштетување на видот. Хронично брзиот пулс исто така може да предизвика слични компликации.
Кофеинот е најкористената психоактивна супстанција во светот. Ги блокира рецепторите во мозокот кои го регулираат спиењето, меморијата и концентрацијата, го забрзува чукањето на срцето и го зголемува протокот на кислород во мозокот, што ни помага да се чувствуваме повнимателни.
Умереното консумирање кофеин не е штетно
Постарите истражувања сугерираат дека умереното консумирање на пијалоци со кофеин не е штетно и дека пиењето мали количини чај може да го подобри здравјето на цревата и да го намали ризикот од срцеви заболувања. Некои истражувања сугерираат дека умереното консумирање кафе може да го продолжи животот на канцелариските работници.
Како заклучок, прекумерната потрошувачка на кофеин, особено од енергетските пијалоци со висока содржина на кофеин и шеќер, може да има долгорочен негативен ефект врз кардиоваскуларното здравје, во зависност од општото здравје на поединецот. Конзумирањето повеќе од 5.000 мг кофеин може да биде фатално, според Центарот за зависност и ментално здравје.