Еве што Трамп ќе му понуди на Путин за да ја заврши војната во Украина: Тоа е вистинско богатство

Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да му понуди на рускиот лидер Владимир Путин пристап до минерали од ретки земји со цел да го охрабри да ја заврши војната во Украина, пишува денес лондонски „Телеграф“.

Според весникот, Трамп ќе дојде на средбата со Путин со голем број профитабилни предлози, меѓу кои и отворање на природните ресурси на Алјаска за Москва и укинување на некои американски санкции врз руската авиоиндустрија.

Изворите на „Телеграф“ велат дека предлозите вклучуваат давање пристап на Путин до минерали од ретки земји во Украина, кои Русија моментално ги контролира.

Лондонскиот весник наведува дека американскиот секретар за финансии Скот Бесант е меѓу претставниците на американската администрација кои го информираат и советуваат Трамп пред неговата средба со Путин во Анкориџ.

Бесент ги истражува економските компромиси што САД можат да ги направат со Русија за да го забрзаат договорот за прекин на огнот.

Претходно денес, Трамп изјави дека Путин ќе се соочи со „тешки последици“ ако не се согласи да ја заврши војната во Украина на состанокот закажан за петок во Алјаска.