Топлотен бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, со можни рекордни температури во наредните денови, пишува BBC.
Се очекува температурите да надминат 40 Целзиусови степени во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција.
Во Италија температурите би можеле да достигнат до 48,8 степени. Црвен аларм е објавен за 10 градови, меѓу кои Фиренца и Рим.
Во вторникот, маж на околу 40-годишна возраст починал по колапс во северна Италија.
Италијанските медиуми објавија дека 40-годишниот работник фотографирал зебри во градот Лоди, во близина на Милано, пред да колабира од жештината. Тој бил пренесен во болница каде подоцна починал.
„Се соочуваме со неподнослив топлотен бран“, напиша италијанскиот политичар Никола Фратојани во објава на социјалната мрежа Твитер и додаде: „Во најжешките часови треба да се преземат сите корисни мерки на претпазливост за да се избегнат трагедии како онаа што се случи денеска во Лоди“.
Неколку туристи во земјата веќе беа мета на колабирање поради топлотен удар, меѓу кои и еден Британец пред „Колосеумот“ во Рим.
Топлотниот бран Кербер – именуван од Италијанското метеоролошко друштво по чудовиштето со три глави што се појавува во пеколот на Данте – се очекува да донесе екстремни услови во текот на следните неколку дена.
Метеоролошката канцеларија вели дека температурите ќе го достигнат врвот во петок, а BBC Weather вели дека големи делови од јужна Европа би можеле да забележат температури над 40 степени, а можеби и повеќе.
Топлините најверојатно ќе продолжат и во текот на викендот. Во Прага, главниот град на Чешка, температурите во сабота би можеле да достигнат и до 36 степени според BBC Weather, што е значително над просекот од 24 степени во јули.
Највисоката температура во Европа од 48,8 степени Целзиусови е забележана во близина на Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија во август 2021 година.
Повеќе од 60.000 луѓе починаа во Европа минатата година како последица на жештините. Се стравува дека овој топлотен бран може да однесе уште многу животи ова лето.
Топлотен бран е период на топло време каде температурите се повисоки од очекуваните за тој период од годината.
Експертите велат дека периодите на екстремно топло време се се почести, а климатските промени се почесто носат рекордни температури.
Европскиот центар за среднорочни временски прогнози објави дека овогодинешниот јуни во светот бил најтопол досега забележан.