Европа и НАТО го поддржуваат Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски доби дипломатска поддршка од Европа и НАТО во понеделникот пред самитот Русија-САД оваа недела, бидејќи Киев стравува дека рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се обидат да диктираат услови за завршување на три и полгодишната војна.

Трамп, кој со недели се закануваше со нови санкции против Русија поради тоа што не успеа да ја запре војната, наместо тоа во петокот објави дека ќе се сретне со Путин на 15 август во Алјаска.

Претставник на Белата куќа изјави дека Трамп е отворен за посета на Зеленски, но дека се во тек подготовки само за билатерална средба. Путин минатата недела ја отфрли можноста за средба со Зеленски, велејќи дека условите за таква средба „за жал сè уште се далеку“ од исполнување.

Трамп истакна дека потенцијалниот договор би вклучувал „одредена размена на територија во корист на двете страни“, зголемувајќи ги стравувањата на Украина дека би можела да се соочи со притисок да се откаже од територијата. Зеленски вели дека сите одлуки донесени без Украина ќе бидат „мртвородени“ и нефункционални.

Калас: САД имаат моќ да ја принудат Русија на сериозни преговори

Вчера лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска, Финска и Европската комисија објавија дека секое дипломатско решение мора да ги заштити безбедносните интереси на Украина и Европа.

„САД имаат моќ да ја принудат Русија на сериозни преговори. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи станува збор за безбедност на Украина и цела Европа“, изјави денес шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

„Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат утре за да разговараат за следните чекори“, најави таа.

Руте: Украина мора да биде суверена нација

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за американската мрежа ABC News изјави дека самитот во петок ќе го „праша Путин колку е сериозен во врска со завршувањето на оваа ужасна војна“.

„Секако, ќе станува збор за безбедносни гаранции, но и за апсолутната потреба да се признае дека Украина сама одлучува за својата иднина, дека Украина мора да биде суверена нација која сама одлучува за својата геополитичка иднина“, истакна тој.

Русија контролира речиси една петтина од територијата на Украина. Руте истакна дека договорот не може да вклучува правно признавање на руската контрола врз украинската територија, иако може да вклучува фактичко признавање.

Тој го спореди тоа со ситуацијата по Втората светска војна, кога Вашингтон прифати дека балтичките држави Латвија, Литванија и Естонија се де факто под контрола на Советскиот Сојуз, но не ја призна правно нивната анексија.

Зеленски изјави: „Крајот на војната мора да биде праведен и им сум благодарен на сите што денес стојат покрај Украина и нашиот народ“.

Неименуван европски функционер потврди дека Европа изнесела контрапредлог на Трамповиот, но одби да даде детали. Руските претставници ја обвинија Европа дека се обидува да ги попречи напорите на Трамп да ја заврши војната.

Захарова: Односот меѓу Украина и ЕУ наликува на некрофилија

„Евро-имбецилите се обидуваат да ги блокираат напорите на САД да помогнат во решавањето на украинскиот конфликт“, објави поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев на социјалните мрежи.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во остра изјава изјави дека односот меѓу Украина и Европската Унија наликува на „некрофилија“.

Рускиот воен блогер Роман Алехин тврди дека Европа е сведена на улога на набљудувач.

,,Ако Путин и Трамп постигнат директен договор, Европа ќе се соочи со свршен чин. Киев – уште повеќе“, рече тој.