Би одлучувале земјите со највисок кредитен рејтинг.
Европската унија подготвува резервен план за испраќање помош за Украина во вредност до 20 милијарди евра , со што би се заобиколило ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани официјални лица.
Откако лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат за планираниот четиригодишен пакет од 50 милијарди евра за Украина на почетокот на овој месец, властите бараа алтернативи за да го спасат Киев од претстојната буџетска криза, пишува весникот.
Официјални лица кои учествуваа во разговорите изјавија за ФТ дека планот на ЕУ се однесува на гаранциите што ќе ги дадат земјите-членки, што ќе и овозможи на Европската комисија да позајми до 20 милијарди евра за да и помогне на Украина .
За планот се уште се преговара, а точната сума ќе биде одредена според потребите на Украина и нејзината војска.
Што е најважно, за таков план нема да бидат потребни гаранции од сите 27 членки на Унијата , сè додека би бил поддржан од земјите со највисок кредитен рејтинг.
Со ова, според весникот, ЕУ би можела да го заобиколи ветото на Унгарија бидејќи нема да биде потребна едногласна поддршка.
На некои земји, вклучително и Германија и Холандија, ќе им треба парламентарно одобрение, процес кој властите се надеваат дека може да биде завршен навреме за помошта да биде испратена до Украина до март 2024 година.
Доколку европските лидери се договорат за планот до 1 февруари, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) би можел да ослободи околу 900 милиони долари, што би му помогнало на Киев да избегне печатење пари и зголемување на инфлацијата, пренесува Танјуг.