Европската земја ја укинува забраната изречена пред 40 години! Сакаат да се вратат на нуклеарната енергија, се знае и кога

Италија има намера до крајот на 2027 година да го заврши планот што ќе овозможи повторна употреба на нуклеарната енергија и ќе ја укине забраната воведена пред речиси 40 години, потврди министерот за енергетика Жилберто Пикето Фратин во интервју за дневниот весник Il Sole 24 Ore.

Нуклеарните централи беа забранети во Италија по референдумите во 1987 и 2011 година, а владата сега работи на регулативи со кои ќе се укине забраната за користење на нови технологии за нуклеарна енергија. Според владата на премиерот Џорџо Мелони, малите и софистицирани модуларни реактори би можеле да помогнат во декарбонизацијата на најголемите загадувачи во италијанската индустрија, вклучително и производството на челик, стакло и плочки.

„Италија е подготвена повторно да користи нуклеарна енергија и оваа клучна одлука нема да ги замени обновливите извори, туку ќе ги надополни и ќе обезбеди избалансиран и одржлив енергетски микс“, рече министерот Фратин. Првиот нацрт на законот ќе биде доставен до Владата на усвојување во следните две недели, додаде Фратин.

Италијанска државна компанија управува со нуклеарните централи во Шпанија

Италија проценува дека уделот од 11 отсто на нуклеарната енергија во енергетскиот микс би ги намалил трошоците за декарбонизација на економијата за 17 милијарди евра до средината на векот . Во Планот за енергетика и клима (ПНИЕК) неговото учество се проценува до 22 отсто, забележува министерот за енергетика.

Италија ја задржа клучната експертиза во нуклеарниот сектор. Државната енергетска компанија Енел управува со нуклеарни централи во Шпанија, а енергетската компанија Ени инвестира во проект за развој на реактор за нуклеарна фузија во САД.

Италија е во преговори со неколку компании, вклучително и американската енергетска групација Вестингхаус и француската ЕДФ, кои би можеле да ја преземат улогата на потенцијални партнери на државната компанија во изградбата на софистицирани нуклеарни реактори. Енел, Ансалдо и производителот на оружје Леонардо работат на основање државна компанија за изградба на нуклеарни реактори.