Унгарија не сака да испраќа муниција во Украина, иако тоа нема да ги спречи другите земји од Европската унија да го сторат тоа, соопшти во понеделникот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Министрите за надворешни работи на Европската унија во понеделникот одобрија акционен план за снабдување на украинските вооружени сили со најмалку еден милион гранати и за надополнување на стратешките резерви на земјите од ЕУ, од кои некои се речиси целосно исцрпени.
За таа цел, две милијарди евра ќе бидат повлечени од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), вонбуџетен финансиски инструмент на Европската унија кој ја подобрува способноста на ЕУ да дејствува како глобален обезбедувач на безбедност.
„Унгарија не испорачува оружје. Ние сакаме мир“, порача Сијарто на прес-конференција.
„Затоа не учествуваме во него. Ние не и доставуваме муниција на Украина и не ги спречуваме другите да прават што сакаат“, истакна унгарскиот министер.
Придонесот на Будимпешта во ЕПФ е околу еден процент, што изнесува приближно десет милиони евра. Овие средства ќе се користат за други цели, како што се работа на стабилноста на Западен Балкан и намалување на миграцискиот притисок, објавија унгарските власти.
Министерот посочи дека Унгарија нема да учествува во набавката на муниција или во нејзината испорака на Украина.
Сијарто кажа дека Брисел сè уште поттикнува „атмосфера на војна“ и дека земјите што промовираат мир се под зголемен притисок да попуштат.