Европската Унија ја разгледува можноста за додавање на Русија на својата „сива листа“ на земји со слаби контроли против перење пари, додека пратениците од Брисел се стремат да го зголемат финансискиот притисок врз Москва, пишува „Фајненшл тајмс“.
Претставници на Европската комисија изјавија дека размислуваат за додавање на Русија, што е поддржано од повеќето членови на Европскиот парламент. Сепак, тие нагласија дека сè уште не е донесена никаква одлука.
Маркус Фербер, германски пратеник кој координира економски прашања за групата на Европската народна партија во Европскиот парламент, рече дека има силна поддршка за ставање на Русија на листата.
За усвојување на целосната листа е потребно мнозинство во Европскиот парламент, а се очекуваше листата да биде објавена оваа недела.
Сепак, Комисијата го повлече усвојувањето во последен момент од „административни/процедурални причини“, изјави портпаролот на Комисијата, додавајќи дека тој ќе биде усвоен на почетокот на следната недела.
Вклучувањето на листата носи штета на угледот и бара од финансиските институции да обрнат дополнително внимание при обработка на трансакции што вклучуваат субјекти или лица од наведените територии, што резултира со повисоки трошоци.
Сивата листа на ЕУ за борба против перење пари и финансирање на тероризам обично следи по онаа издадена од Работната група за финансиска акција (FATF), меѓувладино тело формирано за борба против финансирањето на тероризам и перењето пари.
Претходната верзија на листата од Брисел, која ја виде „Фајненшл тајмс“, се совпаѓаше со најновата листа на ФАТФ и планираше да ги додаде Алжир, Ангола, Кенија, Брегот на Слоновата Коска, Лаос, Либан, Монако, Намибија, Непал и Венецуела.
Исто така, беше планирано повлекување на Барбадос, Гибралтар, Јамајка, Панама, Сенегал, Уганда и Обединетите Арапски Емирати.
Треба да се каже дека ставањето на Русија на листата на FTAF тешко може да се очекува, а „Фајненшл тајмс“ наведува дека оваа одлука би била блокирана од неколку земји, иако не прецизираат кои земји.