Европскиот парламент повикува на национален консензус за евроинтеграциите со цел исполнување на целта – подготвеност за членство до 2030 на Северна Македонија

Европскиот парламент го објави Извештајот-резолуцијата на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук за Северна Македонија, изработен по извештајот на Европската комисија, во кој се поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија за интеграција во Унијата, а истовремено се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи.

Во резолуцијата се споменува 2030 година како датум кога земјата би требало да ги исполни условите за членство во ЕУ. За резолуцијата се поднесени 320 амандмани, за кои идната седмица ќе расправа Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Во нацрт-резолуцијата на известувачот за Северна Македонија, се нагласува дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во долгорочен мир, а Северна Македонија се етаблира како сигурен партнер и спроведе трајни реформи на патот кон ЕУ. Во неа се поздравува континуираната посветеност на земјава за интеграција во Унијата, која се заснова на одржлив напредок во обезбедувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, додека се движи кон меѓусекторско усогласување на политиките.

Европскиот парламент го поздравува целосното усогласување на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на Унијата – вклучително и нејзиниот отворен одговор на агресијата врз Украина – во согласност со рестриктивните мерки на Унијата кон Русија и Белорусија.

Понатаму, во резолуцијата се повикуваат креаторите на политиките да поттикнат национален консензус за интеграцијата во ЕУ, надградувајќи се на успешното започнување на процесот на проверка и да работат на постигнување, до 2030 година, на амбициозната цел за исполнување на критериумите за членство во Унијата.

Известувачот, изразува загриженост за непотребното одложување на процесот на пристапување; ја нагласува потребата да се зајакне транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на процесот, вклучително и неговата парламентарна димензија.

Ќучук, за разлика од неговите бугарски колеги, ја поздравува добро воспоставената хармонија меѓу заедниците во Северна Македонија и ја повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата.

Во резолуцијата се забележува посветеноста на Северна Македонија за позитивна дипломатија и добрососедски односи, која ја повторува својата целосна поддршка за доследно спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција.

Тој предупредува против обидите за поткопување на мирните меѓузаеднички и билатерални односи и жали за сите внатрешни и надворешни дејствија кои ја поткопуваат стабилноста и го загрозуваат регионалното помирување.

Во Нацрт-резолуцијата Ќучук повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи, ги повикува регионалните партнери да ја вратат довербата и да соработуваат во меѓусебно почитување и во дух на добрососедство.

Понатаму, ги повикува носителите на политички одлуки и општества во Бугарија и Северна Македонија да преземат заедничка одговорност и да ја вратат позитивната агенда меѓу двете земји во духот на Договорот за пријателство; ја изразува својата поддршка за продолжување на дипломатскиот и социјалниот дијалог со цел со добра волја да се решат билатералните поплаки.

Известувачот исто така ги поддржува напорите за постигнување договор за уставни измени кои би вклучиле дополнителни заедници во преамбулата на Уставот на Северна Македонија.

На извештајот долг десет страници, поднесени се дури 320 амандмани на 161 страница, за кои ќе расправа Комисијата за надворешни работи, во кои бугарските европратеници ќе се обидат да ги вметнат нивните критики кон Северна Македонија.

Европска унијаМакедонијаполитика