Европскиот парламент денеска во рамки на овонеделната сесија во Стразбур ќе гласа за усвојување на Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.
На предлог текстот на извештајот се поднесени вкупно 28 амандмани, меѓу кои и три како заеднички предлог на европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се бара бришење на формулацијата „македонски јазик и идентитет“ од документот.
Денешното гласање следува по синоќешната парламентарна дебата по Извештајот, на која Вајц, кој е известувач на Европарламентот за земјава, порача дека документот дава целосна слика за тоа каде се наоѓа земјата и во него се поздравуваат некои достигнувања, но се бараат и реформи, и се зборува за говорот на омраза, за злосторствата од омраза, за потребата од владеење на правото, борба против корупцијата и не само за усвојување на закони, туку и за резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
Вајц истакна дека пред 20 години земјава беше предводник на пристапниот процес кон ЕУ, кој го започна заедно со Словенија.
– Каде е Словенија денес, а што се случи со Северна Македонија? Па, имаше некои пречки на патот. Пречки поврзани со историјата, пречки поврзани со војните од минатиот век, пречки со начинот на градење добри билатерални односи со соседите. Но, добрососедските односи секогаш треба да се градат од двете страни, тоа е многу јасно, додаде Вајц.