„Компаниите потпишуваат над 20 нови договори или меморандуми за разбирање (ММ) со египетските партнери, кои изнесуваат над 40 милијарди евра“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Урсула фон дер Лајен рече дека европските компании потпишуваат договори во вредност од повеќе од 40 милијарди евра со египетски компании, кои покриваат широк опсег на индустрии.
Таа ја даде изјавата на инвестициската конференција ЕУ-Египет во Каиро, каде што разговараше и со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, пишува euronews.
„На оваа конференција европските компании потпишуваат над 20 нови договори со египетските партнери кои изнесуваат над 40 милијарди евра. Имаме компании во сектори кои се движат од водород до управување со вода, од градежништво до хемикалии, од транспорт до авијација и автомобилизам“, рече фон дер Лајен.
Таа, исто така, се залагаше за инвестиции во зелена енергија и дигитална обука, истакнувајќи ја „амбициозната цел на Египет да стане центар за чиста енергија“.
Инаку, дводневната конференција е дел од Стратешкото и сеопфатно партнерство Египет-ЕУ за кое Фон дер Лајен и ел Сиси се договорија во март.
Договорот ги опфаќа политичките односи, економската стабилност, инвестициите и трговијата, како и прашањата за миграцијата и безбедноста.